Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ денеска во Министерството за култура и туризам поднесе неотповиклива оставка поради лични причини. Оставката ја достави лично до министерот Зоран Љутков.
Поповиќ ја раководи оваа музичко-сценска манифестација изминативе шест години во кои се реализираше уметничка програма со светски и домашни уметници кои оставија белег во богатата фестивалска програма.
Во нејзин мандат Фестивалот „Охридско лето“ одбележа значаен јубилеј-60 години од постоењето во време на пандемијата со коронавирусот.
Во 2020 година Поповиќ како директор на „Охридско лето“ ја прими Светиклиментовата награда, повелба со која Фестивалот како наш најголем културен бренд, еден од главните чинители на музичката и театарската култура на земјава беше издвоен за најголем промотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската уметност во светот.
Значаен проект во изминативе шест години е и проектот „Годови“ реализиран во соработка со националниот сервис МРТ. Станува збор за колаж од снимени фрагменти од концерти и изјави и личности кои се вградиле во развојот на овој најреномиран фестивал во регионот.
Исто така, под нејзино раководство, архивската документација, културното пишано богатство на манифестацијата, за првпат е предадена на трајно чување во Архивот-Охрид.
Во техничко- сценскиот дел комплетно нов лик доби сцената на Долни Сарај каде се извршија поголеми реконструктивни зафати а се обезбеди и нов објект за продажба и маркетинг, сувенирницата која комплетно се опреми и од оваа година треба да биде пуштена во употреба.
Поповиќ пред оставката кажа дека е горда на сработеното, на квалитетната програма богата со бројни звучни имиња.
„Посебно сум горда за високиот квалитет на програмата и успешните шест фестивалски изданија кои се позитивно оценети од стручната критика, од делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) кои беа тука на Свечените отварања на Фестивалот, но и од нашата верна публика. Ми беше огромна чест и задоволство да работам на оваа функција со еден прекрасен тим којшто многу ми помогна за да бидам успешен директор и менаџер, тим кој е за пример и почит, не само во Охрид, туку и пошироко во државата, но и со селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот, Бисера Чадловска и Сања Арсовска“, кажа Поповиќ која годинава доби признание-благодарница од Амбасадорката на Република Србија, Невена Јовановиќ, за големиот придонес во промоцијата на српската култура во земјава.
Од Амбасадорката на САД, Анџела Агелер ѝ беше врачено Признание за големи достигнувања и соработка во промовирањето на Американската уметност и култура во Република Северна Македонија кое беше одобрено со печат од Стејт департментот во Вашингтон. Претседателот на Република Италија, Серџо Матарела, ја одликува директорката Поповиќ со Орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“.
Минатата година Поповиќ, како директорка на „Охридско лето“ беше избрана за жена на годината од областа на културата, во рамките на конференцијата „Жени претприемачки“ што се одржа по шести пат во Македонија.
Таа најави дека професионалната кариера ќе ја продолжи во културата, во уметноста која е и нејзина професија.