Американската пејачка и глумица Џенифер Лопез поднесе барање за развод од глумецот Бен Афлек, по две години брак. Барањето е поднесено вчера во Врховниот суд на Округот Лос Анџелес, според судските документи до коишто дојде „Би-би-си“.
Во документот се наведува дека двете страни се обврзани да споделуваат финансиски информации, како што се тековни приходи, расходи, долгови.
Лопез и Афлек се запознаа на снимање филм во 2003 година и планираа да се венчаат, но ја раскинаа свршувачката следната година, а се венчаа скоро 20 години подоцна. Афлек во меѓувреме беше в брак со глумицата Џенифер Гарнер со која има три деца, а за Лопез ова беше четврти брак. Од бракот со пејачот Марк Антони, латиноамериканската пејачка има две деца.
Светските медиуми јавуваат дека тие двајца немаат потпишано предбрачен договор, а прашање е како ќе го поделат имотот проценет на 640 милиони долари.
Како што објави Дејли Мејл, двајцата не потпишале предбрачен договор, со што би се решило имотното прашање.
Како што понатаму се наведува, како датум на разделба на брачната двојка бил наведен 26 април, а барањето било поднесено на годишнината од бракот на 20 август.
Отсуството на предбрачен договор укажува на тоа дека заработката на ѕвездите во текот на двете години заедно ќе се класифицира како „имот на заедницата“.