Основниот кривичен суд – Скопје преку соопштение изнесе пет факти во врска со екстрадиционата постапка на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, каде одговорноста за неговото бегство од куќен притвор ја насочува кон Министерството за внатрешни работи.
Од Кривичниот суд нагласуваат дека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР, односно надлежната полициска станица.
Од Судот велат дека со решение на судија на претходна постапка Рамадани бил 15 дена во активен притвор, нагласувајќи дека тоа е максималното време кое некое лице го поминало во екстрадиционен притвор.
При донесување на решението за куќен притвор, појаснуваат од Основиот кривичен суд, судијата ја имал предвид веќе воспоставената судска пракса за постапување на нашите судски органи при идентично исти случаи, односно „на лица на кои првично им било определена мерка притвор, во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети Законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд, согласно Законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР, односно надлежната полициска станица“.
Заради тоа, додаваат, одговорноста (системска или индивидуална) за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот.
– Ниту МВР ниту, политичките партии, а ниту пак експертите не ја коментираат одлуката на судот за определување куќен притвор иако истото беше објавено од одредени медиуми, веројатно поради функционалноста на истата како и бројните пресуди против државата токму заради „злоупотреба“ на притворот. На крај лицето се дава во бегство од куќен притвор над кој надзор врши токму МВР, по што и следат бројните реакции и обвинувања на сметка на судот, наведуваат од Судот.
Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка, велат од Кривичен, со оглед дека на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак обврска на државата, додаваат, е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса.
– Имено во идентичен ваков случај со лицето Томора Морине од 2019 – та година, лицето не било екстрадирано во Р.Србија, бидејќи истиот бил Косовски државјанин и делото за кое се терети било сторено во Р.Косово, па заради тоа надлежност за водење на постапката ја има Р.Косово, одлука која била потврдена од Врховниот суд на РСМ, велат од Кривичен.
Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.