Ален Делон, еден од најпознатите и најшармантните француски актери, почина денеска на 89-годишна возраст. Тој остави неизбришлива трага во светот на кинематографијата и стана симбол на европската кинематографија, пренесува еспресео.рс.
Роден на 8 ноември 1935 година во предградието на Париз, ја започна својата кариера како тинејџер, но наскоро стана меѓународна ѕвезда благодарение на неговата харизма и исклучителни актерски способности.
Во 1957 година се појавува во својот прв филм, додека светска слава му донесе улогата на Роко во филмот „Роко и неговите браќа“ на Лукино Висконти од 1960 година. Неговиот кул и мистериозен изглед му донесе култен статус, а неговата улога во Самурај (1967) ја зацврсти неговата репутација на актер кој се истакнуваше со антихерои и морално амбивалентни ликови.
-Програмиран сум да бидам успешен, но не и среќен. Не оди заедно – изјави Ален, кој глумеше во повеќе од 100 филмови на големи француски и меѓународни режисери.
Во една прилика откри дека славата го изморила бидејќи не може да живее како сите други и да ја има својата приватност. Рече дека црпел мотив од жените да бидe тоа што е, а се забавувал со најубавите жени на светот.
Роми Шнајдер, Миреј Дарк, Натали Делон и Розали ван Бремен се само дел од убавиците со кои се забавувал, а од неколку врски имал четири деца, додека со Натали Делон официјално бил во брак од 1964 до 1969 година.
Познат по својата убавина и препознатливиот изглед, Делон соработувал со многу големи имиња од светската кинематографија. Неговата филмска кариера опфаќа повеќе од шест децении и над 80 филмски наслови, а многу од неговите филмови се сметаат за класици на светската кинематографија.
Покрај глумата, Делон се испроба и во филмска продукција и режија, но во текот на 1980-тите и 1990-тите полека почна да се повлекува од светот на филмот. Иако често беше во центарот на вниманието поради неговиот приватен живот, романсите и повремените контроверзи, Ален Делон отсекогаш бил симбол на стил, елеганција и вистински филмски гламур.
Ален на почетокот на 2018 година истакна дека е подготвен да го напушти овој свет.
-Го мразам времето во кое живееме, ми се гади. Има луѓе што ги мразам. Сè е лажно, само парите се важни. Ќе го напуштам овој свет без трошка жалење – изјави тогаш Делон за магазинот “Paris Match” и откри дека неговата последна желба била да замине на другиот свет со своето куче Лобо.
-Ако „заминам“ пред него, ќе побарам од ветеринарот да дозволи да тргнеме заедно. Ќе му дадат инекција и ќе може да умре во моите раце. Подобро така отколку да умрам од тага на мојот гроб – изјави актерот кој призна од што најмногу се плаши.
Како што рече – преплашен е од можноста по неговата смрт некој да го ископа за земање ДНК во процесот на утврдување татковство.
– И реков на ќерка ми: „Те молам, не дозволувај тоа да се случи кога ќе умрам“ – заклучил Ален Делон.