Пет лица се уапсени и се трага по уште едно лице, а повредени се тројца во пукање во кафуле на плажа во Ханиоти на Халкидики во кое, според грчките медиуми, учествувале бугарски државјани, а не е исклучена веројатноста да се работи за мафијашка пресметка, јави дописничката на МИА од Атина.
Инцидентот се случил доцна синоќа кусо пред полноќ додека во барот се одржувала музичка вечер и присутни биле и семејства со деца, а причините за пукањето засега се непознати.
Според државната телевизија ЕРТ инцидентот бил помеѓу сопственикот на кафулето и неколку лица, кои почнале да пукаат со огнено оружје.
#Χαλκιδική: Πανικός σε beach bar μετά από πυροβολισμούς – Τρεις τραυματίες https://t.co/gn5QbIFrr0
— Η ΑΥΓΗ (@AvgiOnline) August 17, 2024
Повредени биле три лица и пренесени во болница, додека пак полицијата уапсила петмина, а се трага по лицето што пукало.
Според веб-страницата thestival.gr, група Бугари протестирале бидејќи не биле услужени. После тоа бил повикан еден од сопствениците на барот на плажа. Иако се обидел да ги смири, според грчките медиуми, тие биле надвор од контрола. Го нападнале и го претепале.
Неколку минути подоцна на лице место како „заштита“ пристигнале три лица кои работат во барот на плажа. Тие нападнале пет Бугари удирајќи ги со раце и нозе. Тие возвратиле, пишуваат медиумите. Очевидци изјавиле дека еден од тројцата Бугари извадил пиштол и пукал неколку пати. Еден од куршумите погодил еден од Бугарите во гради.
-Имаше офкања, врисоци и извици. Луѓето почнаа да трчаат на сите страни. Сите излегоа од локалот… Само извадија ножеви и почнаа да пукаат. Малите деца трчаа кон своите родители. Настана паника – изјави за медиумите една од жените која била на лице место во моментот на пресметката.