Колку затвореници од струмичкиот затвор навистина побегнале и кога – е една од недоследностите кои излегоа во јавноста, а за кои ги бараме фактите во „Топ дезинформации на неделата“, каде донесуваме и проверка на вистинитоста на изјавата дека разноразни приказни коишто се измислуваат е врската со Кина на унгарската компанија која сака да биде трет мобилен оператор во државата. Дезинформации предизвикаа серија немири во Велика Британија, а го проверивме и тврдењето што се шири на социјалните мрежи дали навистина СЗО и Бил Гејтс повикуваат да бидат приведени од војската луѓето што одбиваат вакцина – дел од содржината на „Топ дезинформации на неделата“.
ЦЕЛ ЗАТВОР ВО СТРУМИЦА НА УЛИЦА Во бегство се 23 затвореници, а има место за 62 – е еден од насловите низ македонските медиуми, кои пренесоа информација дека од отворениот затвор во Струмица нема 23 затвореници. Непрецизната информација изнесена на прес конференцијата на новиот директор Зоран Ристов создаде впечаток дека речиси една третина затворениците од вкупниот капацитет на струмичкиот затвор од 62 легла, се во бегство. В.д. директорот Ристов во снименото видео рече дека во моментов во бегство се 23 затвореници, најавувајќи одговорност за тие што го дозволиле трендот на бегства. Со тоа се презентираше недоследна информација, бидејќи бројката се однесува на периодот од 2020 година до 2024 година.
Претходникот на Ристов, поранешниот директор на КПУ „Затвор Струмица“, Владимир Михаиловиќ образложи дека од таа бројка, уште пред 7-8 години се избегани 18 затвореници, од кои за 13 се распишани потерници, додека останатите 5 затвореници не се во директно бегство од затворот, туку истите се немаат вратено од погодности, како што се користење викенд отсуства или одмор.
Заинтересираниот за влез на македонскиот пазар унгарски оператор „4iG“ има стратешко партнерство кинески „Хуавеј“
„Разноразни приказни коишто се измислуваат” е изјавата што ја даде премиерот Христијан Мицкоски како одговор на информацијата на стратешкото партнерство со кинески Хуавеј што го има унгарската компанија „4iG“ , која испрати писмо со намери да биде трет мобилен оператор во земјата. Влегувањето на „4iG“ со стратешко партнерство со кинеска компанија, се коси со нашето законодавство, кое усогласено со европското, предвидува набавка на современа 5Г-мрежа исклучиво од доверливи добавувачи. Во групата на доверливи добавувачи не спаѓаат кинеските компании, меѓу кои и „Хуавеј“.
„360 степени“ го отвори случајот и откри дека со изјавата дека тоа се „разноразни приказни коишто се измислуваат“, премиерот Мицкоски дезинформира.
Медиумот открива дека партнерството меѓу унгарскиот оператор „4iG“ и кинески „Хуавеј“ е потпишано во октомври 2023 година, за што известија не само медиумите, туку и самата „4iG“.
Во објавата на унгарската компанија на мрежата Линкдин пишува:
„Потпишан меморандум за соработка помеѓу 4iG и Huawei во име на 4iG Group, Гелерт Јазаи, претседател на Одборот и Питер Фекете, извршен директор на Групацијата, потпишаа Меморандум за разбирање во Кина со претседателот на Huawei, Лианг Хуа. Во однос на изјавата, двете компании можат да соработуваат во областите на развој на 5G и мобилни комуникации, како и развој на фиксна мрежа и техничко истражување, па може да обезбедуваат услуги во центарот за податоци, клауд, поврзување со податоци и ИТ инфраструктура“, стои во објавата.
Според тоа, не се приказни, туку стратешкото партнерство е факт.
Дезинформации предизвикаа серија немири во Британија
Од светот: За последиците од дезинформациите најдобро зборува случајот од Велика Британија, која изминатата недела беше зафатена со серија на протести и немири низ државата. Полицијата ова го опиша како „криминално насилство“. Немирите избувнаа откако момче на 17-годишна возраст со нож уби три девојчињата за време на час по танци во Саутпорт. Според Гардијан, до немирите дојде по погрешно објавената информација дека напаѓачот е 17-годишен азилант, кој е муслиман, поради што беа покренати протести од екстремната десница насочени против бегалците и муслиманите.
СЗО и Бил Гејтс не повикуваат да бидат приведени од војската луѓето што одбиваат вакцина
Објави на социјалните мрежи тврдат дека Бил Гејтс и Светската здравствена организација (СЗО) бараат војската да ги приведе луѓето кои одбиваат да се вакцинираат.
Ова е лажно. Ниту основачот на Мајкрософт, ниту СЗО не повикаа оние што одбиваат вакцинација да бидат приведени и присилно вакцинирани.
„Бил Гејтс ги здружи силите со Светската здравствена организација во повикот војската да ги собере оние што одбиваат вакцини и да ги нападне со mRNA за време на следната пандемија“, е само една од објавите на Фејсбук .
Случаите на птичји грип низ Австралија и светот доведоа до ширење на дезинформации на социјалните мрежи за вирусот и вакцината. СЗО покрена нова иницијатива за унапредување на развојот на вакцината mRNA против птичјиот грип, но нема докази дека побарала од владите да ги казнат оние што одбиваат вакцини, како што сугерира написот.
Споделен е лажен пост на X, порано Твитер, наводно од Бил Гејтс, на кој пишува: „Тие што одбиваат вакцини, ќе ја почувствуваат целата тежина на законот“. Оваа објава никогаш не била содржина на налогот на Х на милијардерот, додека СЗО го нарече тврдењето „флагрантна лага и опасна дезинформација“. Според тоа, тврдењето што се споделува на социјалните мрежи е неточно.
Серија лажни наградни игри
Вистиномер изминатиот период детектира неколку онлајн измами преку лажни наградни игри или продажба на чудотворни препарати.
Во измамничка реклама се злоупотребени Црвениот крст и Меѓународната здравствена организација, за да се продава нерегистриран лек наречен Хипертеа. Овој препарат се претставува како чудотворен лек, а не е регистриран во Регистарот на лекови во земјава.
Во реклама на Фејсбук се нудат електрични скутери од марката Сегвеј за само 123 денари, но всушност се работи за измама, во која е злоупотребено и логото на компанијата А1.
Вистиномер детектира објава на Фејсбук го злоупотребува називот и логото на продавницата за компјутерска опрема „Анхоч“ за лажна реклама, проследена со видеоклип, во која се нудат електрични велосипеди V8 по нереална цена од 123 денари.
Уште еднаш потсетуваме на зголемена внимателност на онлајн измамниците, кои ги користат лажните наградни игри со цел да дојдат до вашите лични податоци и банкарски сметки.
В.К.