Да го смениме односот кон малите и средните петпријатија, да ги мотивираме да бидат извозно активни. Клучно за македонската економија е постојано инвестирање, отворање работни места и извоз, му порача бизнисот на премиерот Христијан Мицкоски.
Како што беше речено денеска во Стопанската комора, на настан по повод 102 години од нејзиното постоење, први сме во носење закони, но со производи и производство не нема никаде.
Фокусот, според стопанството, освен на ова, мора да биде ставен и на енергетиката, посебно на обновливите извори, на базната енергија и на батериите каде се неопходни поголеми инвестиции.
Компаниите на Мицкоски му рекоа и дека е многу важно Владата да го контролира трошењето на парите предвидени за општините.
Премиерот, пак, напомена дека Владата останува партнер на бизнисот и, како што рече, ќе му помага колку може, во рамки на Уставот и законите. Мицкоски ги повика компаниите да се вклучат во реализацијата на капиталните инвестиции на локално ниво и да аплицираат за обезбедената финансиска поддршка, посебно на онаа од Унгарија која, информира, би требало да биде достапна од септември.
Мицкоски ги увери компаниите и дека многу внимателно ќе се следи трошењето на средствата кои ќе им бидат дадени на општините. Парите, објасни, нема да се префлраат веднаш, туку етапно, за што ќе биде потребно локалните самоуправи да доставуваат правна документација, односно соодветни фактури за секоја фаза од проектите.