На планината Серта утрово е замаглено и не може да се види дали, каде и колку гори пожарот, кој избувна минатата среда, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој е таму, најавувајќи информации за подоцна.
Во Штип утрово нема чад, за разлика од вчера кога поради густиот чад, Кризниот штаб доцна синоќа ги повика граѓаните да избегнуваат присуство на отворено подолго време, односно да останат во своите домови. Пожарот се доближи на неколку километри над селата Селце, Драгоево и Пиперово.
Утрово, претставници на сите институции, пожарникари, членови на здруженија и локални мештани ќе бидат на терен придружени од механизација за да се направат обрачи околу селата и да се гасне пожарот на Серта.
– Армијата на Република Македонија да се исконтактира и да даде човечки ресурси и опрема со којашто ќе се делува во текот на утрешниот ден. Центарот за управување со кризи да сподели информација за потенцијалните жаришта кои треба да бидат управувани во текот на утрешниот ден. Потребна е вклучување на целата механизација на јавните претпријатија, Општина Штип, како и сите градежени компании на територија на Општина Штип заради полесно справување со пожарите, коишто се на територија на Општина Штип за создавање на заштитни обрачи од земјени наноси, изјави Јорданов.
Меѓу одлуките на вчерашниот Кризен штаб се и вклучување на Ловното здружение, оф роуд друштвата, месното население кое е засегнато, заради логистичка поддршка, како и за информации на теренот. Потребно е вклучување на тимови на Итната медицинска помош и Црвен Крст на жариштата каде е пожарот на Серта.