Во новото издание на „Топ дезинформации на неделата“ ги проверуваме тврдењата дека македонските медиуми нѐ информирале за новото значајно откритие од локалитетот Тумба Маџари и наместо тоа дознаваме од регионалните медиуми; проверивме дали навистина инвестицијата на американската компанија „Вабтек“ е навистина нова, а откриваме и за светските дезинфромациски трендови.
Тврдење: „Вабтек“ нова и трета инвестиција на новата македонска влада
Факт: „Вабтек“ во државата има погон во МЗТ веќе 16 години
Американската компанија „Вабтек“ премиерот Христијан Мицкоски од САД ја најави како нова странска инвестиција, која ќе вложи 35 милиони евра во земјава со нови 100 работни места. Компанијата ќе инвестира во производство на сопирачки за шински возила.
Меѓутоа, оваа компанија во Македонија веќе 16 години работи како „Вебтек МЗТ“ АД и вработува 350 вработени. Погонот е во некогашниот МЗТ. Екс премиерот Димитар Ковачевски на 23 декември минатата година оствари официјална посета на погонот на „Вабтек“ во некогашниот МЗТ, за што информираа медиумите.
Од друга страна, Вабтек во информацијата доставена до Македонска берза пишува дека во државата е присутен од 1995 година, давајќи историјат на промените на сопственоста – во 2003 компанијата е преземена од италијанската компанија „Поли“, за пет години подоцна да стане дел од конзорциумот на „Вабтек“, со седиште во Пенсилванија, САД,
Соопштувајќи ја, како што напиша на Фејсбук, новата и трета инвестиција, новиот македонски премиер не прецизира дали „Вабтек“ отвора нов погон во Македонија или ќе го проширува стариот.
Всушност, оваа компанија веќе подолго време се обидува да го пресели погонот во ТИРЗ зоната и да добие државна помош, што според законот им следува на странските компании. „Вабтек“ во барањето за државна помош наведува дека ќе работи во ТИРЗ зоната во Бунарџик. Претходната влада на Ковачевски изразила подготвеност да го финансира погонот, меѓутоа, барањето е оспорено со условот од Комисијата за заштита на конкуренција која бара „Вабтек“ да остане во постоечкиот објект на некогашниот МЗТ во Скопје, доколку сака паралелно нова инвестиција во ТИРЗ зоната и при тоа да добие државна помош. Ова решение е оспорено пред Управниот суд, кој пресудил во корист на компанијата. Еден од аргументите зошто се оспорува барањето на „Вабтек“ е тоа што веќе неколку години е во загуба. Извештаите за финансиското работење на сајтот на Македонска берза, покажуваат загуба, а фирмата има тешкотии да го сервисира кредитот. Компанијата во извештаите доставени до берзата покажува дека за 2022 остварила загуба од работењето од безмалку 2 милиони евра. Додека претходната година загуба изнесувала 5 милиони евра.
Според тоа, се работи за непрецизно изнесена информација, односно дека се работи за компанија која не е нова во Македонија, туку сака да отвори нов погон.
Тврдење: Македонските медиуми не информираа за новото откритие во локалитетот Тумба Маџари
Факт: Има повеќе десетина објави и пренесено соопштение на Министерството за култура
Серија коментари на социјалните мрежи со омаловажување на новинарите и новинарската професија предизвика дезинформација дека македонските медиуми не напишале за значајното археолошко откритие во локалитетот Тумба Маџари во Скопје, туку македонската публика за ова се информира од Хрватската телевизија. Дезинформацијата ја пласираше корисник на мрежата Х. Во објавата, корисникот на својот профил споделува линк од Хрватската телевизија, која пренесува репортажа со информација за значајното археолошко откритие во локалитетот Тумба Маџари во Скопје, додека на Фејсбук под слична објава следуваат редица навредливи квалификации за македонските медиуми и новинарите.
„Името ни е големо, историјата ни е голема ќе сакаат да ни ја украдат! Oва македонските медиуми нема да ни го пренесат!!!“ (објава на X)
На Х, серијата на дисквалификација на медиумите е запрена со споделувањето на линкови од медиумски објави од истиот ден кога при посетата на локалитетот, новоста ја откри новиот министер за култура Зоран Љутков.
Новооткриената фигура е од типот на фигурината Голема Мајка, откриена во 1981 година за која се верува дека е стара осум милениуми, во неолитскиот локалитет Тумба Маџари во предградието на Скопје. Речиси сите медиуми во Македонија ја пренесоа информацијата за новото откритие, додека Министерството за култура издаде соопштение со детали за фигурата.
Министерството соопшти дека новооткриената фигурина и уште една амфора се „значајни предмети што ја збогатуваат ризницата на раритетни откритија на тлото на земјава и им даваат посебна ексклузивност на македонската археологија, историја и култура“, стои во соопштението на Министерството за култура, пренесено од македонските медиуми.
Не е првпат корисниците на социјалните медиуми да дезинформираат, често не знаејќи дека со тоа зад себе создаваат поголема група на луѓе кои веруваат во таа дезинформација и кои потоа коментираат омаловажувајќи ги домашните медиуми и новинарите како неспособни да ја препознаат веста. Канонадата од напади продолжува со секое ново споделување на дезинформацијата.
Вистиномер оваа недела провери заплашувачко тврдење од социјални мрежи дека од сè уште живи пациенти се крадат човекови органи за бизнис цели.
„Се тврди дека мозочната смрт не претставува вистинска смрт, бидејќи срцето уште чукало и виталните органи како што се црниот дроб и бубрезите работеле нормално. Спротивно на ова што се наведува во објавата, процесите на разложување на мртвото тело започнуваат во истиот момент откако се констатирала биолошката смрт кај пациентот, додека процесот на разложување на органите кај истиот, не започнува во истиот момент и за тоа треба дополнително време. Според „Донор алијанса“, има строго определени временски рамки за трансплантирање на органите, пишува Вистиномер.
Тврдење: Украина трупа војници на границата со Белорусија, со што сака да ја вовлече во војната
Факт: Украина негира дека ги сели војниците на таа граница
На глобално ниво Франција веќе неколку месеци останува под засилен напад на кампањи за дезинформации. Најзаслужен фактор за ова најверојатно е забраната на Русија од Олимпијадата во Париз и предлозите на претседателот Макрон да испрати воени инструктори во Украина. Од друга страна про-Кремљ дезинформациските кампањи ја зафаќаат и темата на изборите во Велика Британија, каде поразот на Конзервативната партија во Обединетото Кралство, руското МНР го објасни како исполнување на сите задачи што и беа дадени од глобалистичката елита, вклучително и предизвикување војна во Европа и нарушување на мировните договори.
Една од често пренесуваните дезинформации по светските медиуми е дека Украина има за цел да ја вовлече Белорусија во конфликтот со преместување трупи на белоруската граница или со обид да организира „провокација“. Нема докази за тоа, а Киев негираше дека ги преселил своите војници на границата. Режимот на белорускиот претседател Лукашенко е близок сојузник на Русија, кој им дозволи на руските трупи да ја нападнат Украина и да лансираат ракети од нејзина територија.
В.К.