Има една многу позната изрека која секој од нас ја слушнал – „млад си, крвта ти врие!“. Како и да ја погледнеме, таа има големо значење. Не е важно преку која призма, но политичката призма тука отвара многу прашања и дава одговори на многу од нив.
Кога човек се раѓа, тој е суровина. Еден недопрена и не изработена основа од која ќе произлезе краен продукт. За разлика од другите природни материи, од човек секогаш мора да произлезе нешто поразлично од тоа со кое се создаваме. Влијание врз нас имаат мал милион фактори, околината, родителите, времето во кое се раѓаме и растеме и т.н. Со текот на времето, човек почнува да гради свои мислења, резонирајќи ги работите околу него, проучувајќи разни негови интереси и т.н. На крај, после одредено време се гради и критичната мисла на човекот. Тогаш почнуваат многу интересни процеси. Сето тоа од кое се црпело влијание за формирањето на карактерот на личноста, почнува да биде критикувана и гледана директно од него. Сите околности, луѓето со кој е заобиколен и работите кои се случуваат околу него стануваат предмет на анализа. Кога нешто анализираме, стигнуваме до одреден заклучок. Ретко заклучокот води до неутрална позиција, особено во пубертетот. Тогаш реакциите се бурни, полни со емоција, без разлика дали истата е позитивна или негативна. Тука се раѓа една многу интересна појава кај луѓето која е најизразена кај младиот човек, така наречената бунтовност.
Бунтовноста носи со себе предизвици многу, но едно прашање кое се отвара тука кое игра клучна улога во изградбата на пост-адолесцентниот карактер на човекот е како таа бунтовност ќе биде изразена. За жал, не секогаш резултатот е позитивен. Некои млади луѓе прибегнуваат кон лоши навики, некои дури и кон лоши дела. Но, некои од младите луѓе ја насочуваат својата емоционална, па дури и физичка сила кон водење на битки за етаблирање на своите идеи. Ние младите имаме една многу интересна карактеристика да мислиме дека секогаш сме во право, дека сме најинформирани, па дури и да не сме, сметаме дека сме доволно информирани да делуваме. Тоа не е секогаш позитивно, но без разлика е важно. Искрените намери на луѓето се најизразени во тој период на животот. Младиот студент не го интересираат монетарни прилики, лукративни идеи и слично. Младиот студент го интересира читалната да е отворена секогаш, да има услови за секој студент да има достоинствен живот, да имаат достап до градски превоз кој е доволно оптимизиран, да имаат кров над глава, залак во уста и книга пред очи!
Појавата не е ограничена на мала група на млади луѓе, а точно обратно. Секогаш е потребна само една мала искра и тогаш пламенот почнува да гори и борбата започнува. Почнуваме да ги бараме своите права, да бараме услови кои нам ни се потребни за да просперираме, да имаме достоинствен живот. Заедно, истомисленици собрани делуваме на терен, почнуваме да се собираме, не има сѐ повеќе – почнува движење!
Кој поминал бар малку време од својот живот читајќи за студентските движења знае која всушност е големината на истите, во најмала рака каков потенцијал за промени носат со себе. Тоа е жарта која носи промени, не само во движењата студентски, а и во општеството. Секој проблем кон кој имаме искрени намери е проблем кој е решлив. Без разлика колку сѐ тоа делува комплицирано и невозможно, и тоа како е!
Јас, како и многу од вас сум имал проблеми, во одреден период изгледале нереални и нерешливи, патем сеуште гледам такви. Но, таа жар во мене не се гаси, како што не смее да се гаси во секој од вас! Борбите кои се од клучно значење за нас се водат секојдневно, главно не само преку независните движења, а преку политичките процеси. И не, не зборувам за бирократија и поплаки. Зборувам за борбите за нашите права и нашите потреби. Идеологиите се тие кои ни даваат патоказ како да ги решиме проблемите, кон што да се стремиме.
Клучно да разбере секој млад човек е едно – ако си припадник на одредена идеологија, немојте да мислите дека морате да сте поданик на една група на луѓе која ја претставуваат таа идеологија во вашето општество! Вие сте дел од нешто многу поголемо од политичка партија, вие сте дел од идеја, а тие се бесмртни и вечни!
Политичките партии се основата на политичкиот живот, кој пак е двигателот на промените во едно општество. Тие се исклучително потребни за нас и секој кој сака да го посвети својот живот на подобро утре за нас и идните генерации треба и е должен да се ангажира да го направи истото. Резултатите се највидливи преку делувањето во политичките партии. Политичките партии не се само тие неколку души кои ја претставуваат и раководат со неа во одреден момент. Политичките партии се склоп од стотици, а некогаш и илјадници, дури и десетици илјади луѓе кои делуваат во интерес на своите околини, но можеби не експонирани на начин како централните раководства. Тие луѓе имаат свои идеи, имаат свои цели и истите ги остваруваат и промовираат. Тогаш се гледа кој е вистинскиот припадник на идеологијата, тогаш цениме кој е вистински, а кој не! Кадри се менуваат, раководства секогаш ќе ротираат, но едно е важно – Идеологијата е пред сѐ, целите се јасни и жарта за промени никогаш не смее да дозволиме да згасне, затоа што ние сме тие млади кои ќе ги донесеме промените!