Отворен е порталот за поднесување апликации за упис на над 70 студиски програми на 12 факултети и три уметнички академии на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде има слободни места за 3983 бруцоши за академската 2024-2025 година. Објавен е Конкурсот на веб страницата со линк за пријавување, беше соопштено на денешната прес конференција на Универзитетот.
– Прв уписен рок од 20 август до 23 август, вториот е на 5 и 6 септември, а третиот на 18 и 19 септември. Со тоа го заокружуваме уписниот рок и од 1 октомври почнува академската година. Сите студиски програми се веќе достапни на нашиот интернет сајт, кандидатите можат да влезат и да ги видат студиските програми, да видат со кои професори ќе можат да работат, а во текот на овие денови можат да аплицираат. Сето тоа може да се направи онлајн, порталот е отворен, со неколку клика можат да направат свој профил и да ги внесат своите податоци, изјави проректорот Мишко Џидров.
Од 5 август идните студенти ќе можат и лично да ги достават потребните документи за упис на избраниот Факултет или Академија.
Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски поволност за студентите што оваа година се дел и од Европска алијанса на Универзитети, една од 64 алијанси на европско ниво, која . нуди мобилност на студентите.
-На пример студент на Медицинскиот факултет, може да избере еден или два семестри да студира на еден од најголемите Универзитети на медицински науки во Полска. Алијансата е финансирана од фондовите на ЕУ и во наредните четири години деветте европски Универзитет, меѓу кои и штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ имаат на располагање над 14 милиони евра, за мобилност на студентите и вработените, а дополнително си остануваат и можностите од Еразмус плус Програмата, вели Мираковски.
Најдобро рангираните студенти ќе имаат прилика да добијат бесплатно студирање. Бројката е различна од факултет до факултет. Така на пример на медицинскиот факултет од партиципација се ослободуваат 45 најдобри студенти, на Катедрата за македонски јазик сите се запишуваат бесплатно и така продолжуваат до завршување. На германски, италијански и турски 10 најдобро рангирани студенти се ослободуваат од партиципација, додека 20 на англиски јазик.
Штипскиот универзитет е место каде студираат и голем број на странски универзитети. Ректорот Мираковски кажа дека странските студенти се со максимален број до 30 отсто од запишаните домашни. Странските студенти поминуваат програма за изучување на македонски јазик. Најчести странски студенти се тие од Турција.