Централниот одбор на Движењето ЗНАМ определил две имиња за заменици министри, што со коалицискиот договор се доделени на оваа партија.
Од ЗНАМ соопштија дека за заменик министер во Министерството за енергетика и рударство е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски системи, со претходно искуство во приватниот сектор. Во Министерството за дигитална трансформација за заменичкото место се предлага Радослав Настасијевиќ Варџиски, некогашната десна рака на кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Настасијевиќ Варџиски е магистер по економија и доаѓа од Општината Куманово.
ЗНАМ има две министерски места. Кадри на партијата ги раководат Министерството за правда и Министерството за јавна администрација.
„Согласно Платформата за преговори за учество на Движењето ЗНАМ За наша Македонија во Владата и програмските приоритети, Движењето ЗНАМ во владата учествува со свои министри во Министерството за правда и во Министерството за јавна администрација, како и со двајца заменици министри во Министерствата за дигитална трансформација и Енергетика, рударство и минерални суровини “, рече портпаролот Никола Мемов.
Тој исто така ги информираше новинарите и јавноста дека на седницата на Централниот одбор се дискутирало и околу процедурата и роковникот за оформување на новите општински организации на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија кои треба да се заокружат до крајот на годината.