Многу скоро ќе направиме ревизија на легалното работење на бројни универзитети. Тие што работат спротивно на Законот нема да можат да постојат и понатаму, додека тие што работат легално и продуцираат квалитетен кадар да не се плашат и понатаму ќе можат да работат, посочи министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневска е на ставот дека треба да се направи модернизација на студиските програми.
– Но, она што е горлив проблем во државата се премногу факултети, премногу универзитети и премногу студиски програми со многу малку студенти, додаде Јаневска во интервју за МРТВ.
Говорејќи за проблемот со изградбата на објектот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Јаневска напомена дека претходната власт, иако имала изградена зграда, не вложила ништо за нејзината финализација, ниту пак вложила да го заштити објектот од пропаѓање.
– На состанокот со деканот на ФИНКИ размислувавме за неколку можни решенија и можам да кажам дека процедурите се во тек. Се водат разговори и преговори со други институции, каде што привремено би можеле да бидат сместени студентите од ФИНКИ. Струката е многу барана, истакна Јаневска.
Таа напомена дека треба да се размислува на тоа дека вештачката интелигенција полека ќе го заземе својот простор, како на ФИНКИ така и на други факултети, при што посочи дека во најскоро време ќе се реализира анализа на пазарот на трудот, по што и најверојатно ќе следи и редукција на квотите на одредени факултети.