Утрово пред зори имаше неколкучасовно, успешно, а опасно извлекување од длабока тиња и кал како „жив песок“ и за заробениот човек и за спасителите – пожарникарите, информираат од ЦУК.
-Покрај кумановскиот дел од река Пчиња, имаше комбинирана спасителан акција од страна на пожарникарите и Итната медицинска помош од Куманово. Тим кумановски пожарникари, на чело со командирот на смена Сашо Илиевски, неколку часа, од околу четири до седум часот утрово беа во спасувачка акција. Итниот случај го пријавил на 112 во ЦУК риболовец, којшто ги слушнал повиците за помош на лице кое покрај реката заглавило во длабока тиња и кал. Ситуацијата била опасна, бидејќи полека, како што лицето сакало да се самоизвлече се повеќе пропаѓало. Почвата била ,буквално, како маскиран „жив песок“ со исушен слој на површината од топлото време, а надоу како да немало дно. Тимот пожарникари, за среќа, брзо и на време стигнал до оддалеченото место од пристапен пат, информираат од ЦУК и додаваат:
-Бидејќи лицето било веќе речиси до рамења и врат пропаднато и на крај на сили заради долготрајното заглавување при што полека тонело во меката почва. Пожарникарите успеале да го фатат со јажиња и полека почнале да го извлекуваат, бидејќи и тие тонеле полека во меката почва. Еден со друг тимски си помагале. Откако пожарникарите го извлекле, лицето речиси се онесвестило и го ставиле на специјалната спасителна даска за носење. Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале пред нив патот од вегетација и дрвја за да се пробијат до пристапниот пат каде ги чекала Итната медицинска помош. Настраданиот е жив, но многу истоштен и е веќе во болница во Куманово, надвор од животна опасност, се вели во информацијата од ЦУК.