Кои од поранешните функционери добија апанажа, а кои се новите кои дојдоа на директорските места во јавните институции? Ова беа прашањата кои се најдоа во фокусот на работата на новата владa, која одлучи и да ја укине позицијата економски директори на Клиниките. Во неделата која изминува, опозицијата веќе реагираше за одлуките на владата за новите кадровски решенија забележувајќи дека тие не прават промена.
Веќе не се министри, но заминувањето од функцијата нема да се одрази врз нивниот џеб. Бојан Маричиќ, Јетон Шаќири, Наим Бајрами и Азир Алиу во текот на следната година ќе ја добиваат истата плата, откако вчера Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата ги поддржа нивните барања за апанажа.
Дел од поранешните функционери нема да бараат апанажа и веќе се враќаат на старите професии. Артан Груби се враќа на Тетовскиот универзитет, каде продолжува како професор, додека Бујар Османи по долгите години во извршната власт, се враќа во операционата сала, како специјалист – хирург на Клиниката за дигестивна хирургија.
Екс премиерот, Димитар Ковачевски стана пратеник, исто како и неговите сопартијци кои беа дел од владата која тој ја предводеше – Фатмир Битиќи, Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Љупчо Николовски, Јованка Тренчевска, Славјанка Петровска и поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска.
Комисијата за избори и изменувања во Собранието досега одобри апанажа на четириесетина функционери, а во меѓувреме голем дел од институциите добија нови директори. Веќе во втората недела од своето работење, Владата го назначи поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта, од каде заминува Ејуп Рустеми.
Нови директори добиваат и шест клиники на „Водњанска“ во Скопје, но и други институции од областа на здравството.
Синиша Стојаноски седнува на директорската фотелја во ГОБ „Осми септември“, а актуелната советничка во Советот на Град Скопје, Марија Андоновска е назначена за директорка на Институтот за јавно здравје.
Директорската функција веќе е преземена од нови кадри и во Фондот за здравствено осигурување, каде на местото на Магдалена Филиповска Грашкоска и Асаф Абдурамани како в.д. директори доаѓаат Сашо Клековски и Бранко Аџигогов.
Одлуките за промена на кадрите на овие раководни позиции беа едни од првите донесени од новиот владин состав на чело со премиерот Христијан Мицкоски кој смета на луѓето кои долго време се дел од домашната политичка сцена.
Па така, аналитичарот Александар Пандов кој во низа телевизиски дебати ги бранеше партиските ставови е назначен за в.д. директор на Управата за извршување санкции, додека Ивица Томовски кој во времето на Груевски беше директор на ЕЛЕМ турс, сега стана директор на Службата за општи и заеднички работи, а за гененерален секретар на Владата е назначен Игор Јанушев.
Смената на директорите во институциите доаѓа паралелно со укинувањето на економските директори на клиниките, за што одлуката беше донесена уште на втората владина седница. Во меѓувреме, новата влада најави законски измени со кои ќе се намали не само бројот на функционерите, туку и на функционерските надоместоци во здравството.
Враќањето на старите кадри значи партизирање на државата – обвини опозицијата
Кадровските решенија кои досега ги назначи Владата предводена од Мицкоски, за опозицијата значат партизација, а не професионализација.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес конференција обвини дека многу малку може да се забележат свежи кадри:
„Така со Фондот за здравство ќе раководи Сашо Клековски, кој иако е лекар никогаш не работел во здравството. Како тој и со кое знаење ќе ја води оваа комплексна и многу важна институција? На директорско место во Управа за извршување санкции е назначен Александар Пандов, дипломиран историчар кој ниту има соодветно образование од оваа област ниту искуство. Назначувањето на Коце Трајановски за в.д директор пак е директна потврда дека кадровските политики значат враќање назад кон претохдното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а не промена“.
Таа реагираше дека ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на својот мандат не прави промена.
Граѓаните не гласаа за враќање назад туку за промена која воопшто не се случува и тешко дека ќе се случи – порача Кузеска.
Од владеачката партија со одговор дека на социјалдемократите им е јасно кои се причините поради кои се во опозиција.
Наместо да коментираат колку да се коментира, нека се позанимаваат со тоа дали на следни избори ќе имаат гласачи за еден пратеник, зошто Филипче им стана претседател со 9.000 гласа од цела Македонија, нешто што дава индикации дека на парламентарните избори 2028 година нема да може да биде изберен ниту за пратеник, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.
(В. Ми)