Членовите на култната македонска поп-рок група „Меморија“ денеска го промовираа новиот видеоспот за песната „За тебе“ и ја одржаа првата прес конференција по повод големиот солистички концерт закажан за средината на ноември годинава во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје.
Промоцијата и пресот се одржаа во просториите на Универзитетот „СКОПЈЕ“ ( екс-Универзитет за туризам и менаџмент), кога пред бројните ТВ екипи и новинари од различни медиуми, пријатели и бивши членови на бендот, како и познати музичари, покрај премиерата на видеото за поп-рок баладата „За тебе“, беа промовирани и рок-фолк сплетот „Македонски бисери“. Пред публиката се случи и премиерата на преработката на песната „Јано“ од легендарната рок група од 70-ите „Триангл“, снимени во живо на неодамнешниот концерт на „Меморија“ во „Домот на млади“ во Штип.
По воведните зборови на модераторот, инаку бивш член и еден од основачите на „Меморија“, денес ПР на бендот, новинарот и водител Антонио Димитриевски, присутните ги видоа двата видеозаписи – едниот за поп рок медлито од рефрени на познати македонски песни со стихови, кои имаат патриотска содржина, насловено „Македонски бисери“, како и споменатата преработка на некогашната рок тема „Јано“ на рокерите од 70-ите, „Триангл“.
Откако беше претставена нишката „Македонски бисери“ како „музички ѓердан обесен на вратот на Јана мома“, како што тоа фигуративно го најави модераторот Димитриевски, тој ја најави и видео премиерата на баладата „За тебе“. Песна чии стихови допираат сечија душа, но во една ќе останат да светат довека како кандилце. Песната која, за жал, ѝ е посветена на прерано починатата сопруга на пејачот на бендот, Поце Икономов, во чија чест лидерот фронтменот на бендот Перо Георгиевски побара од присутните да ѝ оддадат почит со едноминутно молчење.
Потоа микрофонот го презедоа новинарите кои се интересираа за промовираните песни и нивната приказна, досегашната и идна кариера на бендот, со датумот на излегување на нов албум и деталите околу претстојниот голем солистички концерт во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. За прв пат пред претставниците на медиумите јавно беше претставена и новата постава со новиот гитарист на „Меморија“, прилепчанецот Рубин Димкоски, кој ги доби сите пофалби за неговото свиречко умеење и енергијата која ја носи во себе на сцената.
На промоцијата во еден момент, настана излив на емоции, кога на едно од новинарските прашања лидерот на „Меморија“ не можеше да ги сокрие солзите, го совладаа сеќавањата и спомените и јавно заплака, што досега на Перо – Камиказа не му се случило, но ете…
Во дијалогот со новинарите свој збор зедоа сите членови на групата, кажувајќи секој од нив одделно по некоја своја случка, настан од членувањето во „Меморија“.
Фото: Вангел Тануровски