Шокантната вест, поранешниот премиер Зоран Заев ја споделил во телевизиско интервју на шоуменот Жарко Димитревски, а за да биде уверливо интернет страната која го злоупотребила логото на BBC, објавила фотографии од гостувањето на Заев поодамна. Станува збор за уште една измама, во редицата измами што интернет сајт ги користи имињата, податоците и фотографиите на повеќе популарни јавни личности како актери, новинари, лекари и политичари.
Овој сајт minishouts.com употребува најчесто трагична вест, која предизвикува да се отвори текстот, преку која соопштува дека „денеска се простуваме од…“, или како оваа со Заев, дека бил претепан и однесен во болница откако во „директен пренос објавил јавна тајна“. Кога ќе се отвори текстот подолу се открива дека се зборува за голема заработка преку ноќ преку користење на именуваниот сервис, по што се сфаќа дека мамката е да се фати „потенцијалниот инвеститор“.
Креаторот на измамата не е непознат, додека дел од оштетените јавни личности, чии имиња се злоупотребени, веќе имаат поднесени пријави до Секторот за компјутерски криминал. Нoвинарот Бранко Героски, во јавното обраќање, соопштувајќи дека е неговото име е злоупотребено, пишува дека покрај неговото, најверојатно се злоупотребени и имињата на сите јавни личности кои божем ја рекламираат оваа активност.
„Прв пат слушам за овие, а самиот никогаш не сум рекламирал било каков производ! Не знам дали освен оваа објава е потребно да сторам уште нешто, бидејќи не би сакал било кој да биде измамен со една ваква фејк реклама. Се надевам дека има некој надлежен да преземе нешто“, пишува Героски.
Минатата година познатиот лекар Никола Пановски, чиј идентитет исто така беше злоупотребен, тужеше и го доби процесот. Меѓутоа, како што и самиот вели, иако на судот му бил доставен и име на фирма и одговорно лице, работата на оваа фирма судот не ја забранил и понатаму создава нови жртви на измами.
„По една година Јавното обвинителство поведе постапка, судот ги осуди само за злоупотреба на лични податоци (немало други основи во законот), 5000 евра за фирмата, 2000 евра за одговорното лице, да платат во буџетот. Пресудата е правосилна. Не им забранија да работат!!! Им дозволија и понатаму да лажат и заработуваат!!! Пред 6 месеци поведов приватна тужба за нематеријална штета, барам 30.000 евра оштета. Постапката е во тек. До сега сум во минус, и финансиски и психички. Злоупотребуван сум во уште десетина реклами за други производи, но не ги знам сторителите, а и уморен сум. Сто пати демантирав и преколнував дека е лага. Добро е што демантиравте. Голем дел од злоупотребените јавни личности ништо не преземаат, што не е во ред“, пишува д-р Пановски.
Сајбер измамите зачестија особено последните година – две, при што принципот е ист – се земаат фотографии од познати и популарни личности, еден ист текст лошо преведен се репродуцира во повеќе земји на различни јазици, се злоупотребува лого на позната медиска компанија, за да изгледа на прв поглед дека се отвора верификувана страна. Понатаму, целта е да се украдат податоците и банкарските сметки. На посетителите на сајтот му се нуди заработка за само два часа, или како што пишуваат во последните објави врзани со новинари и јавни личности, додека тие зборуваат, сметката постојано им се полни, а тајната на брзата заработка ја има на линкот.
Затоа, не наседнувајте!
В.К.