Центарот за управување со кризи извести дека на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 добиена е пријава за штета, односно паднат дел од фасада на зграда на булеварот Јане Сандански во Аеродром.
Силниот ветер попладнево направи хаос во Скопје. Паднати се дрвја, има оштетени возила, откачени лимови, искинати кабли од бандери.
Во центарот на градот, на булеварот Свети Климент Охридски, дрво падна врз жена.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) се добиени повеќе пријави за штети и информации за опасности за граѓаните и околината, настанати од невремето во Скопје, што зафати дел од градот.
„За сите пријавени случувања и итни случаи на 112, преку Секторот за операции и координација во ЦУК се известуваат и координираат надлежните служби од општините и Град Скопје за постапување по пријавите за штети и опасности. За сега билансот, според прводобиените пријави и информации на 112 во ЦУК е следен: дрвја паднати 16; возила оштетени 3; кабли откачени од бандери 7; откачени и оштетени кровови 3 и повредени лица 1“, велат од ЦУК.