Ние сме единствената држава не само во регионот туку и во светот, каде што има приватни специјализации – изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари кој најави дека неделава ќе се сретне со приватните специјализанти.
Откако изминатиот период тие протестираа пред интерните клиники на Клиничкиот центар во Скопје, ресорниот министер рече дека целта на најавената средба е да се изнајде решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни.
„Треба да се договориме да најдеме победничко решение за двете страни. Ние да им дадеме решение за работа, а тие да се вработат некаде што има дефицит на кадар, сѐ со цел тие места каде што недостасуваат луѓе да бидат дополнети со овие колеги. Но сепак потребен е договор меѓу нас, па потоа ќе излеземе со заедничка изјава“, посочи Таравари во денешната изјава за медиумите.
Тој информираше дека од септември го очекува и средба со деканот на Медицинскиот факултет, за да се направи стратегија со која одредени специјализации ќе бидат ставени во мирување.
И додека одредени специјализации ќе бидат во мораториум, други ќе бидат фаворизирани.
„Можеби ќе размислиме и за начин за мотивација за помладите доктори да одат на специјализација во области како што анестезиологија, радиологија, патологија, педијатрија и други што недостасуваат во државата“, истакна Таравари.
Претходно приватните специјализанти преку протестите се пожалија дека работат за плата од 26.000 денари, а при тоа немаат ниту здравствено ниту пензиско осигурување.
Тие пред околу два месеца изјавија дека очекуваат новиот министер за здравство веднаш по формирањето на Владата да ги повика во кабинетот, а потоа и да се работи на остварување на нивните барања.