Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник, Венко Филипче е новиот лидер на Социјалдемократскиот сојуз, откако победи на денешните внатрепартиски избори.
Освен него, во трката за нов претседател на партијата влегоа и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и поранешниот заменик-министер за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.
Од партијата оценија дека денешното гласање се одвивало непречено и во демократска атмосфера.
„Од вкупно запишаните во избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ, до 19.45 часот излезени се 12.608 членови или 54%. Сите 77 избирачки места беа отворени и општинските изборни комисии го спроведоа согласно Правилниците донесени од ЦО и одредбите од Статутот на партијата“, рече Викторија Аврамовска – Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ.
Според неа, во општинската Студеничани е констатирано предвреме затворање на избирачкото место поради што Централната комисија одлучи да го поништи гласањето. Вкупно акредитрани во оваа општина се 66 гласачи а во моментот на затворањето на ова гласачко место гласале 51 гласач.
„Констатиран е прекин на гласањето во општина Гевгелија од 10 минути поради скршена избирачка кутија. Извршена е замена на кутија и гласањето е продолжено. Прифатени се приговори во 6 општински организации, на 7 членови да им се овозможи гласање. Затоа што по проверка во системот се констатираше дека овие членови се акредитирале и се регистрирале во системот за активна регистрација“, додаде Аврамовска – Мадиќ.
Таа посочи дека вкупно 44 членови од 9 различни општини доставиле пријави до Централната изборна комисија да им биде овозможено да може да гласаат. Овие приговори се одбиени поради тоа што по проверка во системот се контстатирало дека не се акредитирани преку активна регистрација и не е доставен образец за активна регистрација.