Политичкиот живот во една држава е спој од комплексни односи. Тие се од различен карактер, но најчесто сретнати се меѓу-институционалните, како и меѓучовечките. Тука станува збор за политичкиот живот, а истиот вреди да се спомене дека не би бил возможен без политичките партии. Тие се медиумот преку кои луѓето кои се бават со политиката (таканаречените политичари) настапуваат на политичката сцена. Сѐ додека во една држава постојат функционални политички партии, ќе постои и можност за функционална демократија.
Секако, политичките партии и нивните меѓупартиски односи се тоа кое ја води насоката и на државата, но и на интерпартиските односи. Разбирањето на тие интерпартиски односи се клучот до разбирање на стабилноста не само на одделните партии, а и на демократските копацитети на државата.
Во случајот на Македонската држава, имаме две корено различни политички структури кои имаат различна перцепција односно манифестирањето на правото на избор, како и на правото на приговор. Тие политички стриктури имаат свои политички идеологии врз кои ги базираат своите политики. Како резултат на следењето на истите тие идеологии, се креираат и интрапартиските односи.
Разликата помеѓу левицата и десницата во овој контекст го наоѓаме во начинот на кој го мобилизираат и задржуваат не само своето членство, а и своето гласачко тело. Левицата генерално има по-либерален однос кон ова прашање, додека десницата става посебен фокус врз него. Не би сакал да навлегувам подлабоко во пристапот на десницата затоа што тој збори сам за себе. Фокусот на оваа анализа би го ставил на начинот на кој левицата функционира.
Иако во последно време на политичката сцена се појавија разни квази-левичарски партии, сепак најелоквентен пример за левичарска партија останува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. За да разбереме како тој функционира во овој контекст не треба да гледаме подалеку од самото име на партијата. Прво и основно, СДСМ е „сојуз”. Како таков, тој поседува особени карактерни црти односно интерното функционирање како и спроведувањето на разни внатрепартиски односи. Кога доаѓа збор за креирањето на внатрепартиските и вонпартиските ставови и политики во СДСМ работите не секогаш течат глатко. Иако тоа е околност која го отежнува партиско-политичкото секојдневие, тука лежи ингерентната убавина и доблест на социјалдемократските принципи на дејствување. Таа се бави со човекот, индивидуата игра клучна улога, не само како субјект на политиките на социјалдемократите а и како дел од процесот на креирање на истите.
Индивидуализмот носи со себе си различие во ставовите. Кога различните ставови ќе се судрат, исходот може да биде исклучително конструктивен или пак исклучително деструктивен. За среќа постои идеологија за да ги сплоти и насочи индивидуалните захтеви кон една општа цел. Сето ова создава услови за креирање на најоптимални политички решенија. Доколку се придржуваме кон овие идеи, меѓу кои најважен е фокусот врз различните општествени структури и нивното секојдневие, тогаш нема проблем кој не може да биде решен. Тоа е единствениот разумен начин да стигнеме до егалитарно и просперитетно општество.
Егалитарноста мора да ја применуваме подеднакво внатре, како и надвор од партијата. Само така индивидуалната мисла и идеја ќе биде подеднакво земена во предвид при креирањето на политиките. Целата смисла на создавањето на решенија на општествените проблеми е тие да опфатат што поголем број на граѓани.
Единствениот разумен начин да се постигне тоа е во модел во кој луѓето имаат слобода на мисла, а исто времено иста цел. Тоа е нашиот модел, моделот на – Сојузот!