Во текот на постапката точно ќе се утврди, но првичните проценки на Обвинителството се дека во случајот со спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт, штетата е над 5 милиони евра. Ова денеска по првото судско рочиште го изјави обвинителката Лидија Раичевиќ. На рочиштето не се појави првообвиниетиот, Дарко Каевски, кој како што рече неговиот адвокат Петре Шилегов, е неподвижен по операција на ногата. Поради тоа, следното рочиште е закажано за 9 јули.
Обвинителката Раичевиќ изјави дека направени се повеќе повреди на повеќе прописи, додека нејзината истрага се насочува кон тоа кој ги делел ваучерите на тој начин и како ги користеле стопанските субјекти,. Ова ќе биде предмет на дополнителна анализа.
– Тоа што во постапката која што беше системско решение за финансирање на спортот преку ваучерите, формирањето на законските тела, Централната комисија за евалуација на ваучери, овластувањата на директорите на АМС, не се испочитувани согласно Законот за спорт, согласно правилниците кои што предвидуваат почитување на строги критериуми за да може некој да добие ваучер, изјави Раичевиќ.
Обвинети во случајот се двајцата директори на АМС, Дарко Каевски и Наумче Мојсовски, претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.
Предметот е покренат од Јавното обвинителство, по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.