НАТО ќе продолжи да биде ангажиран во Западен Балкан дури и откако холанѓанецот Марк Руте наскоро ќе го наследи Норвежанецот Јенс Столтенберг на функцијата генерален секретар на Алијансата, според експертите за безбедносна политика.
Истовремено, соговорниците за порталот „Европски Западен Балкан“ („European Western Balkans“) посочуваат дека не треба да се очекува дека НАТО ќе се прошири со прифаќање на нови членки од овој регион за време на мандатот на Руте.
Франц-Лотар Алтман, независен германски академик и професор по меѓународни односи на Универзитетот во Букурешт, за EWB вели дека Марк Руте „ќе биде копија отколку пандан на Столтенберг“. Како што објаснува, Руте „силно ја поддржува Украина“ и внимателно ќе ги следи „обидите на Русија да ги ослабне врските што ЕУ и НАТО ги имаат на Балканот, особено во Србија и Република Српска“.
„Тој многу внимателно ќе следи како (унгарскиот премиер Виктор) Орбан, кого не крие дека не му се допаѓа, како и (словачкиот премиер Роберто) Фицо, се однесуваат кон јужното соседство, особено кон ЕУ и НАТО. Некаде во мислите ќе има лоши спомени од скандалозното нереагирање на холандскиот контингент во Сребреница, па можно е повеќе да внимава на Балкан и да се залага за поголем ангажман на НАТО во овој регион, но не и со Србија…Србија не е конструктивен и доверлив партнер, туку ризичен играч за НАТО и ЕУ“, рече Франц-Лотар Алтман.
Алтман истакнува дека Руте е познат како „исклучително дипломатски вешт политичар, кој зборува учтиво и пријателски, но има јасни ставови“.
„Мораме да имаме на ум дека Холанѓаните, исто како Французите, не се големи поборници за проширување на ЕУ или НАТО“, нагласува Франц-Лотар Алтман.
За разлика од Алтман, Вук Вуксановиќ, висок истражувач во белградскиот центар за безбедносна политика (BCBP), за EWB вели дека „нема да има промена“ во начинот на кој НАТО се однесува кон Западен Балкан и дека партнерската соработка со Србија ќе продолжи.
„Генералниот секретар е меѓународен функционер, а стратешкиот контекст е многу поважен. Балканот ќе биде на листата на региони каде НАТО има свои операции, пред се мисијата КФОР на Косово, а ќе продолжи да се поддржува мисијата ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина. Исто така, ќе продолжат досегашните партнерски програми за соработка со Србија, а не очекувам нови членки во форма на Србија, Босна и Херцеговина и Косово“, прецизира Вук Вуксановиќ.
Назначувањето на холандскиот премиер во заминување Марк Руте на челната позиција во Алијансата стана извесно откако минатата недела неговата кандидатура беше поддржана од сите земји-членки на НАТО.
Претходно, романскиот претседател Клаус Јоханис ја повлече кандидатурата за функцијата генерален секретар. Мандатот на актуелниот генерален секретар Јенс Столтенберг истекува на 1 октомври. Датумот кога Руте ќе биде официјално избран на таа функција се уште не е објавен.
Јенс Столтенберг (65), поранешен норвешки премиер, е на чело на Алијансата од 2014 година. Тој отслужи два целосни мандати, кои беа неколкупати продолжени.
Марк Руте (57) е познат како либерален политичар кој има најдолг „стаж“ како премиер во Холандија.