Пред околу две недели собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им одобри апанажа, во траење од една година, на 29 пратеника од минатиот парламентарен состав. Тие на товар на граѓаните, од народниот буџет ќе примаат надоместок од околу 600 000 евра, информираат од Левица.
-На овие 29 системски паразити, кои бесрамно ги цицаат народните пари за време на рекордна сиромаштија, деновиве им се приклучуваат уште седум пратеници од претходниот состав: Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска – Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партија за движење на Турците и Бастри Бајрами од Беса, со што дополнително ќе се исцицаат над 150 000 евра од народниот буџет, се вели во соопштението од Левица, од каде додаваат:
-Ова претставува последниот од долгата низа на показатели за еклатантна класна дискриминација во македонското општество, во коешто системот функционира, единствено, за задоволување на потребите на богатите економски и политички елити, додека нормално четиричлено семејство не може да ја задоволи ниту минималната синдикална кошничка од 1000 евра. Единствено, пратеникот од редовите на Политичката партија Левица, Борислав Крмов беше единствениот народен пратеник кој гласаше против, се вели во информацијата од Левица.