Во тест фаза е приклучувањето на општината Карбинци кон Хидросистемот „Злетовица“, со што станува четвртата општина од источниот регион, која ќе се водоснабдува од овој систем. Веќе два месеци тече тест периодот, по што се очекува почетокот на редовното водоснабдување од „Злетовица“.
-Во фаза на тестирање се, веќе имавме еден состанок со градоначалникот на Карбинци, каде што се договоривме во тест периодот да бидат целосно поделени нивната филтер станица, цевководите и пумпната станица, за да бидат подготвени за испорака на вода. Очекуваме во текот на јуни да потпишеме и договор за испорака на вода за граѓаните на Општината Карбинци, бидејќи тоа е од суштинско значење. Општината во текот на летните месеци се соочува со недостиг на квалитетна вода за пиење, што треба да им ја испорачаат на граѓаните, вели Љупчо Благоевски, директор на „Злетовица“.
Останува уште Општина Лозово од планираните општини да се приклучи кон Хидросистемот. Но, веројатно ќе се почека, бидејќи се работи на административните процедури, односно во завршна фаза е основниот проект.Следно е изградбата на хидроцентралата, која е поголем инвестициски зафат за „Злетовица“.
-Сега имавме три неуспешни тендери. За жал, во Македонија се’ уште не постои голем интерес за изградба на хидроцентрала за јавните претпријатија, смета Благоевски.
Средствата за хидроцентралата се од Центарот за меѓународен развој и соработка и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. „Злетовица“ ќе учествува и со сопствени средства.
Хидроцентралата е со капацитет од 200 киловат часови.Третата фаза е обезбедување на систем за наводнување и енергетика.
-Идната фаза, која треба да биде изградена со наводнувањето следува и енергетиката. Останато е да се најде кредитор за двата проекти – тоа е за Фаза 2 и Фаза 3. Капацитетот на полна брана е 23.500.000 кубика, гледаме дека нашата брана е со сливно подрачје кое во овие години, колку што е изградена „Злетовица“ браната од 2006 до сега – 18 години, ние браната со водните биланси ја менаџираме многу добро , дека можеме да бидеме усогласени, дека издрашноста на реките не е намалена, задоволителна е. Се случуваат одредени сушни периоди кои сега се поместени порано беа август, сега јануари и февруари, последните периоди. Сега по дождливиот период, браната ни е исполнета 91 отсто, кажа Благоевски.
По 18 години работа, Хидросистемот е подготвен за новите фази.