Македонските здравствени установи веќе нема да имаат организациски односно економски директори – изјави денеска идниот премиер, Христијан Мицкоски, кој рече дека со ова администрацијата ќе биде помала за сто функционери.
Тој рече дека онаму каде што има позиција заменик-директор, таа ќе биде укината. Прашан за хаосот на Клинички центар, рече дека токму решавањето на сите проблеми во здравството ќе биде еден од приоритетите во првите сто дена од формирањето на владата.
„Жал ми е што сѐ што зборувавме во минатото излезе точно и од страна на малкумина кои се дел од сѐ уште актуелната власт, беше протолкувано како политиканство. Ние континуирано предупредуваме со години наназад дека ова ќе се случи. Ќе ве потсетам на случајот Онкологија кога предупредувавме на многу од акутните проблеми. Тогаш не наидовме на разбирање, но тоа е сега позади нас. Еден од клучните приоритети ќе ни биде здравството, секој од нас на дневна основа има контакт со здравството. Жалам што се случува ова во 21- ви век пациентите да умираат по ходници или пак да се случуваат инфекции кои мислевме дека се минато и за ова ќе има голема одговорност“, додаде Мицкоски.
(В. Ми)