Скопската епархија, при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, ја информира јавноста дека во изминативе шест месеци интензивно се работи на внатрешноста на храмот „Свети рамноапостолни цар Константин и царица Елена“, во центарот на Скопје: се фрескоживописува и се привршува проектот за изработка на иконостасот и подот, а останува да се изведе електриката и да се уреди просторот околу храмот.
Фрескописот и другите потребни работи се извршуваат од донации, но за целосно довршување на храмот ќе биде потребна дополнителна помош, па се очекува да помогнат и верниците, стопанствениците, приватните бизнисмени како и сите луѓе – добронамерници.
Донатор во црквата е и бизнисменот Кочо Анѓушев, кој лани се одзва на повикот на МПЦ и одлучи да помогне, бидејќи самото име на црквата коренспондира со неговото име, но и имињата на неговите внуци. Од прес службата на фирмите на Анѓушев потврдуваат дека се работи за лична донација.
Инаку, новиот храм се гради во спомен на урнатиот од земјотресот, и е во целосна сопственост на Скопската епархија, со сите подмирени долгови од порано кон изведувачот на градежните работи, кој долгот го пријави дури по неколку години.