Германскиот производител на автомобили Фолксваген најави дека ќе прави евтини електрични возила по почетна цена од околу 20.000 евра.
Светската премиера на новиот автомобил е планирана за 2027 година, објави Ројтерс.
Извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блум, нагласил дека компанијата треба да комбинира „јасна посветеност на Европа како индустриска локација, европска индустриска политика и на крајот да дејствува во интерес на европските клиенти“.
Шефот за маркетинг на германскиот производител, Томас Шефер, изјави дека и покрај ниската цена, планираниот модел од почетно ниво ќе постави стандарди во однос на технологијата, дизајнот и квалитетот.
Агенцијата наведува дека Фолксваген се одлучил на ваков потег со цел поуспешно да се натпреварува на пазарот, пред се со силните кинески ривали, од кои некои имаат предност од 30 отсто помали трошоци во однос на западните конкуренти.
Компанијата со седиште во Волфсбург минатата недела соопшти дека европската индустрија има меѓу две и три години да се подготви за конкурентни закани и предупреди дека опстанокот на автомобилскиот сектор веќе е загрозен.