За исклучителниот придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија, на доајенот на македонскиот филм Столе Попов денеска му беше врачена наградата „Златен објектив“ што ја доделува Кинотеката на Северна Македонија.
Во присуство на неговите блиски, пријатели, соработници и почитувачи на неговото дело, наградата му ја врачи в.д. директорот на Кинотека Бојан Станишиќ. За Столе Попов, како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, и за неговото влијание во градењето на културните политики за развој на домашниот филм, се осврна филмологот Арсим Лесковица.
-Во светот на филмот величината на режисерот се остварува низ неговите визии, иновации и способност да ги воведе гледачите во нови светови. Столе Попов е режисер кој со своето уметничко водство и креативност го обликува искуството на филмот. Неговите филмови го менуваат начинот на кој го гледаме и разбираме светот околу нас. Столе Попов останува водечка фигура во полна смисла на зборот на современата кинематографија, инспирирајќи ги следните генерации на креативци, режисери и љубители на филмот. Сите негови филмски остварувања остануваат врежани во срцата и меморијата на реципиентите оставајќи трајни отпечатоци во културата и историјата на кинематографијата, рече Лековица.
Наведувајќи ги филмските остварувања од документарниот и играниот жанр, за кои Попов е наградуван со голем број награди и признанија на угледни фестивали дома и во странство, а беше номиниран и како македонски претставник за престижната статуетка на Американската филмска академија – Оскарот, филмологот Лековица ќе порача дека неговото творештво е вградено во големо светско цивилизациско наследство.
-Да се родиш и да живееш во Македонија, а да не си ги погледнал филмовите на Столе Попов можеби е исто како да си се родил и живеел во една древна цивилизација како што е Египет и никогаш да не си се запознал со величенствените пирамиди. Ако не за нешто друго, барем да се соочиме за миг со нашето незнаење како и интелектуална ароганција понекогаш, а истовремено да бидеме дел од едно кулутролошко и големо светско цивилизациско заедништво, рече филмологот Лесковица.
На свеченоста која започна со прикажување на исклучителниот и наградуван спот за песната „Скопје“ на Леб и сол, чиј автор е Попов, режисерот се заблагодари на ова признане и чест од Кинотеката, со која рече го врзуваат многу години. Во разговор со позната филмска критичарка и проследувачка на македонската и и светската кинематографија, Илинденка Петрушева, тој говореше за своето филмско творештво и работно искуство, но и за анегдоти од богатата кариера.
-Филмот „Австралија, Австралија“ го снимив пред 50 години. Ме радува што очигледно филмовите кои што сум ги работел траат во времето, одолеваат на ефемерноста која што особено во филмската уметност е многу видлива. Меѓутоа Кинотеката е таа која треба да ги сочува филмовите и добива една улога како на една добра винарија да остави да созреат филмовите и тие самите потоа го покажуваат своето опстојување, рече режисерот Попов кој ја загатна и улогата на модерната технологија и ерата на дгитализацијата врз човечката цивилизација.
Кинотеката оваа година воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист, а признанието му се доделува за неговиот придонес во развој на кинотечната дејност.