Директорот на Кардиохирургија Мајран Шокаровски, кој беше рарешен вели дека неговото разрешување е направено незаконски, а за фантомските пациенти на оваа клиника, за кои обвинија деновиве, вели дека се работи само за софтверска грешка, направена поради несоодветност на системот кои тие го користат и неговото комуницирање со „Мој термин“.
Потенцира, дека за секој пациент имаат пишан документ, што е и единствена законска обврска.
– Моето разрешување е незаконски, бидејќи во мандатот на техничката влада не може ниту да се разрешува, ниту да се назначува. Ги повикувам релевантните институции кои треба да се грижат за законитоста во оваа држава, итно да реагираат. Дополнително, мнинистерот за здравство го разреши координаторот за развој на кардиоваскуларната хирургија при министерството Александра Ефтимова, истовремено ги разреши и го прекина договорот на координаторот за срцева трансплантација при министерството, Адријана Ѓеоргиев. Од тука се наметнува нашето прашање дали се работи за оркестриран напад против државната Кардиохирургија, а со тоа и напад врз јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи едно вакво тектонско пореметување на една успешна приказна. Кому тоа му одговара? – запраша Шокаровски.
Тој рече дека биле нападнати за наводно нестручно работење и зголемена смртност, а како што рече тој, министерот во заминување ја обезвреднува нивната макотрпна работа.
-Членовите на комисијата, назначени од министерот, се лекари кои немаат никаков контакт со кардиохирургија, а еден член на комисијата е противкандидат за директорското место на клиниката со што се доведува во прашање неговата компетентност, рече Шокаровски и додаде:
– Не е точно дека се зголемила смртноста откако јас сум директор, туку вистината е дека незначително се зголемила, а за 20 отсто е зголемена комплексноста на интервенциите, рече тој и ја презентираше статистиката на операции.
За фантомските пациенти, пак, Шокаровски рече:
– Се појавија информации за фантомски пациенти, тоа не е точно, туку постои техничка грешка од софтверска платформа која ние ја користиме, до „Мој термин“. Единствена законска обврска е пишан документ, а не „Мој термин“, кој не го користат ни приватните болници. Овие пациенти ниту се скриени, ниту фантомски, рече Шокаровски.