Пред точно една година го посетивме местото каде се одлага отпадот од кочанскиот регион, во депонијата кај селото Бели и ја направивме снимката од дрон. Една година подоцна, ништо не е променето, дури чадењето е поинтензивно, додека жителите на селото, но и на цела Кочанска котлина во мај, кога природата е во своето најубаво издание, живеат под чад од депонијата.
Изминатиот викенд жителите на Бели на состанок се договараа дали со блокади да го спречат истоварањето на камионите со отпад или сите заедно да организираат протест, преку кој ќе бараат одговори од надлежните.
Реагираат и сопствениците на викендички на Пониква, кои наместо чист планински воздух се соочуваат со атмосферското загадување од депонијата.
За ова се расправаше на една од последните седници на Советот на општината Кочани, каде повторно се констатираа состојбите, но без конкретно решение.
Додека и оваа година се полнат оризовите полиња, а земјоделците се надеваат на плодна година, потсетуваме како изгледаше котлината под чад во мај 2023 година.