Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во посета на Рим и Ватикан, по повод честувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Ова е прва првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова, по победата на претседателските избори на 8 мај.
Во состав на делегацијата се заменик-министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италија, Весел Мемеди, амбасадорката во Светата Столица, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, заменик-генералниот секретар на претседателскиот кабинет, Горан Момировски, државниот советник за надворешна политика во кабинетот, Рима Сафитли, Златко Јанковски и Жидас Даскаловски од кабинетот на претседателот, како и Снежана Стојанова од Секторот за односи со јавност во кабинетот.
Делегацијата на МПЦ-ОА ја предводат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен, додека Католичката црква ја претставува протојереј ставрофор, Зоран Стојанов.
Според протоколот, утре, како што информираат од претседателскиот кабинет, Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај папата Франциск и како што налага традицијата, по претставувањето, претседателката и папата меѓусебно ќе разменат подароци. По аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Сиљановска Давкова ќе оствари средба со државниот секратар на Ватикан, монсињор Пјетро Паролин.
Утре попладне во организација на Министерството за култура, пак делегацијата предводена од Сиљановска Давкова ќе присуствува на концерт на Националната установа „Камерниот оркестар од Битола“, во состав секстет со солистот Нада Талевска – Спасовска.
Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи задутре, на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил. Молебенот ќе го водат владиката Пимен и Владиката Тимотеј.
По молебенот претседателката и делегацијата во базиликата Санта Марија Маџоре ќе положат венец на спомен плочата испишана на македонски јазик.
Во рамки на претстојот во Рим, Сиљановска-Давкова задутре ќе се сретне со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела. По средбата, Сиљановска Давкова ќе даде изјава за медиуми на плоштадот Пјаца дел Квирнале.
Сиљановска Давкова, како што велат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.
Поклонението на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.