Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица – маж и жена кои се осомничени дека во група извршиле грубо насилство врз дете родено 2009 година, со што сториле кривично дело – Насилство согласно член 386 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-Двајцата сопружници, на 15 мај, влегле во основно училиште во Битола, при што таткото физички ја оттурнал наставничката и директно нападнал еден од учениците, соученик на нивното дете, заканувајќи му се дека ќе го убие. Го фатил детето за уво, го стапнал на ногата и го тегнел, а за тоа време неговата сопруга ја држела наставничката за да не може да му помогне и да го одбрани ученикот. Со насилството двајцата предизвикале чувство на несигурност и вознемиреност кај другите ученици, кои од страв кога заминале осомничените барале наставничката да ги заклучи во училницата за да не се вратат, информираат ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување куќен притвор за осомничениот татко. Предлогот беше прифатен и на осомничениот му е определена притворска мерка.