Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа – порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на новинската агенција МИА од Атина.
Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.
– Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис.