На сцена која личеше на дневна соба, со тросед, две фотељи и нормално микрофон а гостите, кантавторката Мијата со својот бенд сношти одржа концерт во Филхармонијата, кој во рамките на „Скопски градски фестивал“.
Опуштено, низ муабет и песна на тросед, како вистинска домаќинка, Мијата ги пречекуваше гостите, кои со неа заедно пееја.
-Сега сте дојдени кај мене дома, уживајте. Јас сум како дома. Се надевам дека сум се дотерала, се пошегува Мијата на почетокот.
Гитаристот Мухамед Ибрахими, Теодора Гошева Капсарова, поп-пејачката Нина Јанева, како и Александар Пешевски на усна хармоника, Никола Стојмановиќ како вокал, и Гоце Вангеловски на виолина, Александар Ниниќ на туба и Александар Златески на труба беа дел од овој концерт.
Нина и Мијата, пејачки со опасни вокали, ја воодушевија публиката со „It’s raining man“, а на крај заедно со многу деца, меѓу кои и децата на Мијата, го отпеаја нејзиниот хит „Верувам во себе“.
Бидејќи беше дневна соба со гости, Мијата на сцена ја повика нејзината мајка Драгица, од која го наследила талентот.
„Не знаев дали ќе издржам да го допеам ова со мајка ми“, рече Мијата за нивната заедничка песна „Чешма шарена“.
„Знаете дека мајка ми потекнува од Долно Дупени, таму беше мојот прв настап, на иселеничките средби како дете. Мајка ми има прекрасен глас“, ја пофали Мијата, а со ова ја најави и следната песна „Добра ноќ, добар ден“, посветена на љубовта на мајката кон детето.
Концертот беше во организација на „Баги комуникации“, која е прва нивна соработка.