Јост Клајн, кој требаше да ја претставува Холандија на овогодинешната Евровизија, се врати во својата татковина откако беше дисквалификуван од натпреварувањето, пренесува Еуроњуз.
Шведскиот весник „Aftonbladet“ добил информација од неименуван извор дека Клајн бил дисквалификуван поради агресивно однесување кон камерманка, по неговиот настап во второто полуфинале, одржано во четвртокот минатата недела. Според истиот извор, Јост „сериозно ја оштетил“ камерата на снимателката и ја вознемирил, а на инцидентот наводно посведочиле неколку лица.
Сепак, NL Times пишува дека холандскиот пејач има поинаква верзија на приказната за она што се случило зад сцената, бидејќи шведската полиција соопштила дека „инцидентот во Малме Арената не бил од физичка природа, туку вклучувал закана“, додека холандскиот јавен радиодифузер АВРОТРОС тврдеше дека Клајн само направил „заканувачки гест“ кон член на продуцентскиот тим на Евровизија.
Генералниот директор на Европската радиодифузна унија Ноел Куран изјави за шведското радио Сверигес дека она што го пријавила наводната жртва се разликува од нејзиното сведочење.
„Го анализиравме инцидентот и одлучивме дека ова несоодветно однесување ги прекршило правилата. Поради фактот што полицискиот и правниот процес е во тек, за жал, сметавме дека е целосно несоодветно уметникот да настапи во финалето“, кратко изјави Куран. пред почетокот на финалето на натпреварот во сабота.
Клајн беше суспендиран и дури не му беше дозволено да учествува на пробите во петокот. Одлуката за негово дисквалификување е донесена во саботата попладне, само неколку часа пред почетокот на настанот.