Народот ја одржа најважната лекција кон власта и си ја спаси државата. Оваа генерација ја има неповторливата можност да создаде ново поглавје во кое Македонија ќе биде горда и Македонија ќе биде ваша и ќе има иднина заоснована на вредности и надеж. Ја вративме надежта и вечерва имаме причина за славење, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ вечерва по победата на изборите. .
-Ја паметам секоја моја реченица, секоја прегратка и подадана рака. Но, и секое ветување за кое ќе го дадам и последниот атом од моите сили да се оствари и да не го разочараме народот. И вечерва сум горд на народот кој застана на патот на поделбите. Вечерва се покажа дека нема Македонија на ДУИ, нема Македонија на СДСМ, нема Македонија ниту на ВМРО-ДПМНЕ, нема лева или десна, источна или западна…има само една, единствена и вечна, независна, слободна Македонија, рече тој и се заблагодари на сите кои гласаа за нив.
-Нема да ве разочараме. Планирам резултатите од нашата работа да се почуствуваат уште првите сто дена од формирањето на Владата. Во напредна фаза сме и во разговори за силен инвестициски пакет кој ќе ја помогне економијата. Ова не сакав да го соопштувам пред кампањата за да не се исполитизира истото. Но, очекувајте уште во првите сто дена многу добри вести, додаде тој па се обрати до идните функционери..
-Никогаш не го заборавајте овој народ, овој народ кој испиша историја на овие избори, народ кој со голема упорност и верба, со истрајност, достоинство и со гласачко ливче го победи криминалот, корупцијата, поткупите и притисоците. Овој народ денеска ги порази сите милевци, артановци, алиевци, кои го погазуваа сите овие години и си ја вратија повторно Македонија. Народот покажа дека ничија свеќа не гори до зори и порано или подоцна следува одговорност. Да го запомниме тоа, затоа што од судот на народот никој не избегал, како и од судот на Бога. Велат кога се качуваш по скалите, никогаш не ги заборавај луѓето што ќе ги сретнеш патем. Не ги заборавајте овие луѓе, оставете бел образ, бидете одговорни и бидете чесни. Ќе се соочите со судот на народот пак. Паметните учат од туѓите грешки, немој ни на крај памет да ви падне да го потцените мудриот народ, рече Мицкоски.
„Имаме причина да се радуваме и да сме задоволни и длабоко благодарни. Но, и причина и лекција да не влегуваме во еуфорија, ароганција и самобендисаност. Граѓаните очекуваат резултати. Нема да е лесно, имаме многу предизвици, но ова денес е показател дека заедно ќе успееме. Доста е со деновите кога една влада им служеше само на групите на своите коалициски партии – нашата влада ќе им служи на сите Македонци. Без разлика на нивниот пол, возраст, регион или етничка припадност и секако без разлика кого поддржувале или за кого гласале. Посакувам власта во заминување да научи од грешките. Би сакал сега да ги надминеме поделбите и да најдеме заеднички мир, затоа што мораме да служиме како пример за сите Македонци, а особено за младата генерација но и сите идни, додаде тој.
Негде ќе те премолчат,
негде ќе те сокријат,
гроб со гроба ќе покријат.
Само ти си бесмртна,
жива вода подземна,
кај што тонеш ти извираш.
Ова е нашето време. Ова е нашето време. Да се обединиме во заедничката цел.
Ќе го направиме овој мандат, а и ќе ја направиме оваа деценија од нашата историја нешто што ќе се памети со генерации.
Покажуваме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации.