Нова сообраќајна несреќа на експресниот пат Штип-Кочани. Животот го загуби триесет и деветгодишен возач од Скопје, а сопатничката и двете малолетни деца поради здобиените повреди се пренесени во Клиничката болница во Штип.
Пријавата во СВР-Штип е во 2:24 часот – изјави портпаролката на СВР Штип, Гордана Панајотова, пренесе телевизијата М Нет.
Несреќата се случила во близина на клучката кај селото Крупиште, а според првичните информации, во несреќата учествувало само едно возило. Автомобил марка рено „лагуна“ со скопски регистерски таблички излетало од коловозот, а од здобиените повреди починал возачот И.М од Скопје.
Увидот во несреќата е во тек. Сообраќајот на експресниот пат Штип-Кочани се одвива по двете коловозни ленти.
На овој експресен пат од почетокот на годината досега во три тешки сообраќајки, животите ги загубија пет лица.