Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Овој е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за сози на љубовта и благодарноста.
Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението. Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение. Смртта не може да Го задржи самиот Живот – Животодателот. Саботата е денот кога, во почетокот, Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил Своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон. Велиме заспан, затоа што и Он така рече за умрената девојка која ја воскресна од мртвите, а на луѓето што плачеа им рече: „Девојката не е умрена, туку спие“ (Матеј 9, 24; Марко 5,39; Лука 8,52).
Велика Сабота е крајот на празничноста на саботата, оттогаш престанува саботата да биде основниот празник, бидејќи потоа ќе се празнува неделата – денот на Воскресението и спасението, денот на христијанството и на новата ера, денот по Христа. Денес одбележуваме три вашни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот. Богослужбата е поврзана со содржините од Библијата. Најпрво, пред плаштаницата, се читаат текстови од пророкот Језекиил: пророштвото за воскресението од мртвите (Језек. 37,1-14), а по нив, Апостолот ни кажува за тоа дека треба да го отфрлиме стариот квас, „оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ – „Христос нè искупи од клетвата на Законот“ (1. Кор. 5,6-8; Гал. 3,13-14) и најпосле, Евангелието говори за запечатувањето на гробот и поставувањето стража (Матеј 27,62-66). На Литургијата, пак, се чита Евангелието за Христовото воскресение (Матеј 28,1-20) и богослужбено оттогаш започнува Воскресението.
Во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов, катагодина се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму) го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста. На трпезата строг пост. Велика Сабота е единствената сабота во годината, кога постот е строг и не се јаде зејтин. Но, за поткрепа на оние што се на целодневната молитва, допуштено е и вино.