Цената за осигурување од автомобилска одговорност е непроменета изминатите 15 години и е единствена категорија во државата која не претрпела зголемување на цена. Вака реагираа денеска од Националното биро за осигурување (НБО) откако од вчера цените на осигурителните полиси се зголемија за 15 отсто.
Од Бирото тврдат дека порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациска тенденција.
Според НБО, општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто, а претходната цена на задолжителното автоосигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година.
Тоа ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании во оваа класа и дејствува демотивирачки на понудата на оваа полиса – додаваат од Бирото.
-Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании. Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем – велат од Националното биро за осигурување.
Потсетуваат и дека во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но велат дека денес условите за работење се променети и неодржливо е за Осигурителните компании да работат со цени на ова ниво.
Оттаму дополнително посочуваат дека процентот го дефинира секоја осигурителна компанија посебно, зависно од деловната политика и направената анализа. Националното биро за осигурување посочува дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.