Еден од главните здравствени столбови во мандатот на тогашниот министер за здравство д-р Венко Филипче беше обезбедување на нови и најсовремени лекови за пациентите со ретки болести, зголемување на буџетот, воспоставување на електронски регистар со ретки болести, како и изработка на Национална стратегија со која ќе се подобри здравствената состојба на оваа група пациенти.
За четири години од извршувањето на неговата функција како прв човек во Министерството за здравство, се набавија нови 9 орфан лекови за пациентите со ретки болести. Станува збор за ампуларна и таблетарна терапија за пациентите со ГОШЕ, терапија за фамилијарна амилоидна полиневропатија, за апластична анемија, за пулмонална фиброза, два лека за идиопатска пулмонална хипертензија, за хередитарен ангиоедем, како и терапија за пациентите со спинална мускулна атрофија.
Исто така, за првпат Министерството за здравство тогаш под раководство на д-р Венко Филипче обезбеди терапија и за пациентите со ајзенменгер синдром и терапија со лекот босентан за децата со вродена срцева мана и пулмонална хипертензија. Овие две терапии, порано пациентите и родителите мораа да ги купуваат приватно од сопствениот семеен буџет.
Набавката на лековите за ретки болести, Филипче ги правеше во консултација и разговор со пациентите и граѓанските здруженија од кои ја црпеше и најголемата поддршка. Значењето и важноста за терапија на пациентите со ретките болести, како и подигнувањето на свеста за подобар живот на оваа група пациенти всушност најмногу беа препознаени токму во мандатот на д-р Венко Филипче.