Вкупно 58 странски новинари добија дозвола од Државната изборна комисија да ги следат двојните избори. Од нив, најбројни се новинарите од регионот од земји како Албанија, Косово и Србија. На листата на акредитирани странски медиуми се агенцијата Асошиед прес, германската телевизија ЗДФ, АРД, бугарската национална телевизија БНТ, албанските АБЦ њуз, Еуроњуз Албанија, од Косово Косова прес, РТВ Косова, српските Прва ТВ и Н1 Србија. Пријавени се и новинари на странски медиуми, кои имаат дописништва или информираат од Македонија.
Акредитирани се и новинари на новинската агенција Ројтерс, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка – македонска редакција, потоа набљудувачи од Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување претседателските избори во Република Северна Македонија, Националниот демократски институт за Надворешни работи, Вашингтон САД – подружница Република Северна Македонија, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Топ Канал Албанија – отсек Косово, ОБСЕ / ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права- (ТРЕТО ДОПОЛНУВАЊЕ – краткорочни набљудувачи), Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка, за кои ДИК издаде овластувања за набљудување.
Странските медиуми ќе може да снимаат и сликаат, но не и зад параваните и избирачкиот список.
Како што беше речено на денешната седница на ДИК, ќе има 1601 набљудувач, од кои 915 домашни, 544 меѓународни набљудувачи, 84 преведувачи и 58 странски новинари. Од домашните набљудувачи, најбројни се од организацијата Здружението за развој на општествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје (570), по што следат Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово и Фондацијата Ромите за демократија – Скопје.
В.К.