Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата единствена татковина Македонија, порача Христијан Мицкоски,лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од митингот во Охрид.
„ Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДСМ и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде. Накусо нема надеж и сон кои не се уништени“, рече Мицкоски пред насобраните граѓани.
Тргнавме, додаде тој, и нема назад, доаѓа цунамито што ќе ги одвее од политичката сцена и ќе ги испрати во заборав на историјата.
„ А историјата може само да ги забележи како лош период во кој заради нив се изгубила човечноста, се уништиле вредностите, се изгубил редот, се изгубила и понижила Македонија.По ништо друго нема да ги памтиме. Ако ги слушате нив ќе помислите дека живееме во Елдорадо, и сите се среќни и богати, имаат изгубено контакт со реалноста.
Рекордери се во Европа по корупција и криминал, нема извештај што тоа не го потврдува, рекордери по сиромаштија и апатија, рекордери по инфлација, 600 илјади граѓани живеат со само 150 денари на ден, а македонската младина е најнесреќна во Европа. Граѓаните не си одат оттука, тие буквално бегаат од Македонија. И не само Македонците, сите, би рекол најмногу Албанците, затоа што и тие се разочарани од политиките на партијата која е рекордер по години на владеење во светот, ДУИ, и која истовремено на толку сторен криминал нема еден нивен член што е во затвор. Да не должам на темава да ви кажам. Ќе одговарате за се. Дебело ќе одговорате. Не е ова никаква закана. Ова е мое ветување, запаметете го добро. Ви повторувам, ќе одговарате за се што и направивте на Македонија“, рече во своето обраќање Мицкоски.