Денеска (09.04.2024) околу 09.45 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје – соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од МВР информираат дека веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгаснале пожарот.
Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад.
Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов” во лифтовите на зградите имаше заглавени две жени, кои беа извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција – додаваат од МВР.
Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53).
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.