Скратување на 1.550 и 1.850 работни места од вкупниот број од околу 2.500 во Белгија најави
белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“, објави весникот „Соар“.
Компанијата која има свој погон и во ТИРЗ зоната „Бунарџик“ крај Скопје, пред претставниците на синдикатот објавила дека е принудена на овој потег поради големите загуби во работењето.
И додека во Белгија се скратува бројот на вработени, во Штип, во фабриката „Актива“, каде се изработуваат компоненти за производство на автобуси, се направени нови инвестиции за прилагодување кон потребите на „Ван Хол“. Се очекуваат и нови вработувања, покрај постојните 200 работници во програмата за „Ван Хол“. Сопственикот на „Актива“ Иле Николов изјави дека веќе две години се заговара за постепено префрлање на целосното производството на компанија „Ван Хол“ од Белгија во земјава.
-Ние за таа работа веќе се подготвивме. „Актива“ минатата година имаше дополнителни инвестиции во делот на машинскиот парк и веќе е зголемен товарот на производство и немаме од наша страна каснење за нивните потреби, потребите за зголемување на производството ќе бидат следени и како ќе бидат доставувани барањата од нивна страна ние ќе го следиме тоа. Веќе сме во фаза на изградба на уште еден производен погон од 8.000 квадрати кој ќе биде исто така во функција на зголемување на капацитетите на нашите компании. Така да, ние во целост сме спремни за таа работа, изјави Николов.
Значаен е девизниот прилив за штипската компанија од „Ван Хол“.
-Минатата година инкасравме околу 15 милиони евра во нашата компанија од страна на „Ван Хол“, за оваа година очекуваме доста поголем прилив. Се зависи од нарачките 1,5- 2 милиони некаде би било околу 20 – 25 милиони евра за цела година, рече Николов.
„Актива“ инвестирала во нови 10 роботи за заварување и сега располага со вкупно 12 линии за роботско заварување.
„Ван Хол“ е семејна компанија за производство на автобуси, тролејбуси и приколки основана во 1947 година. Фирмата има околу 4100 работници во своите фабрики ширум светот, од кои најголемиот дел се во погоните во белгиското место Конингсхојт и во Скопје.
В.К.