„Изградбата на браната во Штип беше предизборно ветување во многу кампањи и на многу политичари изминатите 4 децении и особено ми е драго што токму денеска овој проект го реализираме и се работи со силна динамика на терен“ рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на минирањето на браната Отиња во Штип.
Тој додаде дека минирањето на локалитетот Попова чешма е градежен зафат со кој се обезбедува преку 5000 метри кубни дополнителен материјал потребен за доизградба на насипот на телото на браната.
„Се работи активно на уште неколку позиции и веќе видов добар фронт за работа на преливниот загат, испустниот дел веќе под објектот е завршен и инекционата завеса веќе е завршена. Тоа значи дека согласно динамиката, согласно градежните норми и принципи на градба на вакви комплексни објекти, сите објекти се реализираат еден по еден. Оваа година за доизградба на браната во буџетот на Министерството за транспорт и врски имаме предвидено околу 130 милиони денари, со што очекувам веќе наредната пролет да биде завршен овој објект и да биде ставен во функција“ рече Бочварски.
Министерот истакна дека Владата изминатите 4 години стави силен фокус на реализацијата на инфраструктурните проекти, а токму тоа го покажа и реализацијата на капиталните инвестиции од рекордни преку 710 милиони евра во 2023 година.