Група граѓани денеска маршираа низ Тетово во знак на протест за случајот со кучето кое беше снимено како паѓа од зграда во изградба, по што угина. Побараа да се поведе постапка и да се најде виновникот.
– Ги повикуваме Агенција за храна и ветеринарство и Обвинителство да поведат постапка затоа што тука се работи за неколу кривични дела. Се повикува градоначалникот да си ја врши својата дејност во однос на бездомните животни. Против инвеститорот изведувач на оваа проколната зграда, треба да се поднесе кривична пријава затоа што ништо не е обезбедено, рече Снежана Гијевска.
Одговарајќи на новинарско прашање дали имаат поведено иницијатива за згрижување на животни, дел од нив посочија дека самите тие се грижат за бездомните кучиња.
-Немаме никаква иницијатива до градоначалникот на Тетово. За оваа прашање мислиме да поднесеме барање. Имаме слушнато дека има многу тендери доделено во изминатите години за кои не знаеме каде завршуваат за прифалишта за бездомни животни. Како поединци сами се грижиме за бездомните кутриња, сами ги носиме на стерилизација. Оние кои може да ги издржиме финансиски ги храниме, ги стерилизираме, се обидуваме да ги вдомиме, но со тоа не е решен проблемот, изјави Анета Филиповска.
На 22 март беше објавена снимка како паѓа куче од зграда, а случајот во полиција го пријавил жител од зграда од спротива. На 24 март СВР Тетово информираше за случајот, а утврдено е дека не се точни шпекулациите дека наводно некој го турнал кучето.
-Извршени се службени разговори со двајцата пожарникари кои биле повикани да го заловат и отстранат кучето од објектот во кој работници изведувале градежни работи, како и со лицето пријавител и очевидец на паѓањето на кучето, информираше СВР Тетово.
Полицијата соопшти и дека ќе биде изготвено писмено известување кое ќе се достави до јавен обвинител.