Поразителна е ниската доверба на граѓаните во вакцинацијата. Таа е разнишана до тој степен што опфатот со сите вакцини од редовниот календар на имунизација е под 90 отсто, иако за да се постигне колективна заштита потребно е тој да биде над 95 проценти – порача денеска претседателката на Лекарската комота, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Според неа, последиците од ова веќе се согледуваат преку епидемијата на голема кашлица, а како што вели, сѐ поизвесно е дека дека повторно ќе се соочиме со уште една епидемија на морбили.
Гривчева Старделова истакна дека натамошниот пад на опфатот со вакцинација на децата би довел до значителни последици по здравјето на нацијата и затоа е неопходно да се обезбеди најширока јавна поддршка за вакцинацијата и континуирано да се работи на едукација на граѓаните за улогата и придобивките од имунизацијата за здравјето на луѓето, преку обезбедување информации засновани на научни факти
Токму поради ова, Лекарската комора иницираше и потпишување на Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата.
Документот кој го потпишаа претставници на научни, образовни и стручни организации има за цел да испрати јасна и обединета порака до граѓаните за важноста на вакцинацијата како научно докажана и најефикасна мерка за спречување на ширење на заразни болести.
Во Декларацијата за поддршка на вакцинацијата се наведува дека „имунизацијата и вакцините се едно од најголемите достигнувања на човештвото и ниту една друга медицинска интервенција не спасила повеќе животи“. Се потенцира и дека дистрибуцијата на непроверени информации за вакцинацијата шири неоправдан страв кај родителите, што доведе до алармантен пад на бројот на вакцинирани деца.
„За жал, сведоци сме на објавување лажни вести и дезинформации во секој сегмент од општеството, но дезинформациите кога е во прашање здравството можат да бидат опасни по живот. Оттаму, неопходно е заеднички да работиме на подигнување на нивото на здравствена едукација кај населението, имајќи предвид дека многу болести се превенирани токму поради вакцинацијата. Со потпишување на заедничката Декларација формираме поширок фронт за поддршка на вакцинацијата, одржување континуитет на активностите и потенцирање на важноста на имунизацијата. Наша заедничка цел е заштита и унапредување на здравјето на граѓаните и само заеднички – со здравствената фела можеме да ја реализираме оваа цел”, истакна министерот за здравтво д-р Илир Демири.
Декларацијата ја потпишаа и претседателите на Стоматолошката и Фармацевстката комора, д-р Маријан Денковски и дипл.фарм Весна Ставрова, деканите на трите медицински факултети во Скопје, Штип и Тетово, проф. д-р Светозар Антовиќ, проф. д-р Милка Здравковска и проф. д-р Невзат Елези, како и директорот на Институтот за јавно здравје проф. д-р Шабан Мемети.