Албанскиот премиер Еди Рама преку објава на социјалните мрежи сподели фотографии од Пустец, повикувајќи ги туристите да го посетат во пролет, но и во текот на целата година, за да се запознаат со „восхитувачките природни убавини и културни богатства“.
– Панорама од селото Пустец, посебна убавина во оваа пролетна сезона, каде сè почна да цвета. Пустец, на брегот на Преспанското Езеро, нуди бројни културни, природни и археолошки добра за домашните и странските посетители, кои мора да се видат, напиша Рама.
Општина Пустец ја сочинуваат 9 села, распослани на брегот на Преспанското Езеро, кое му дава посебна убавина на овој крај. На туристите им нуди бројни можности да ја истражат.
-Островот Мал Град, инаку познат како „островот на змиите“ е една од најпосебните атракции до која се стигнува за 20 минути со бротче, почнувајќи од центарот на општината, односно од селото Пустец. Продолжувајќи го патувањето со бротче, источно од Мал Град, на околу 30 минути од островот, следната станица е кај пештерската црква „Рождество на Пресвета Богородица“, наведува државната агенција АТА, пренесувајќи ја објавата на Рама.
Друга убавина што треба да се види е манастирот „Света Марена“, каде се стигнува со бротче тргнувајќи од пештерската црква или од брегот кај Пустец.
Во склоп на селото Пустец можете да ја посетите и црквата „Свети Архангел и Михаил“ во центарот на селото, која датира од 1754 година, но била повторно изградена по 1990-тите.