„Прости ми, да ти простам“ со овие зборови денес верниците, на големиот празник Прочка, ќе ги започнат велигденските пости.
Помладите членови од семејството треба да побараат прочка од постарите членови со зборовите „прости ми“, а постариот член одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Празникот Прочка секогаш се паѓа во недела. Не го менува денот, но датумот го менува.
Зборот „прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“, простување или од „проштати“, проштава. За Прочка се смета дека е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.Прочка го означува почетокот на велигденскиот пост. Таа е потсетник на духовниот карактер на постот. Целта на празникот е со проштавањето, со покајанието и со чиста душа да се започне велигденскиот пост.
На овој ден се изведуваат обичаи како што се проштевањето, оттука и празникот го добил името, потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници. Обичаите се стари и македонски, кои се пренесеуваат од колено на колено меѓу генерациите.
Мора да се напомене, дека од верски аспект, само простувањето како обичај има христијанска основа.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.